Истра 100 by UTMB

Настан: Istria 100 by UTMB
Трка: 110K, Д+~4000m
Време: 17h : 51min
Радмила Јованова

На почетокот на годинава бев решена дека во 2023 година сакам да се пробам на некоја трка од мин 100 км😊. Дотогаш имав најмногу истрчано 60 км со 3350 м висинско искачување, на трката Галичица Ултра, на Охрид Ултра Траил.

Изборот падна на трката Istria-Blue во Хрватска, која е со должина од 110К и висинско искачување од околу 4.000 метри. Никогаш не сум одела на таа трка, но од старт имав најава за супер екипа со дел од членовите на Здружението ТРЕКС на кое сум член и јас, па по нивна препорака, се пријавив.

Бидејќи се пријавив на почетокот на годината, а трката беше на средина на април, уште немав дефинирано некој тренинг план и немав специфична програма по која ќе се движам. Тогаш со Дејан се договоривме да ми направи некаков план од два месеци колку што имавме време и да ме води низ целиот тренинг процес. Кога го видов планот, искрено се изнервирав бидејќи 3 дена во неделата имав тренинг на рамно (од кои два кондициони, а еден вежбање брзина), а само два дена тренинг со качување, па си викав како со толку малку тренинг со качување ќе успеам да ја издржам трката 😊. Од сегашен аспект, сфаќам дека тренинзите беа така прилагодени поради природата на самата трка, бидејќи истата е долга, но со благи искачувања, и во најголем дел трчлива. Идејата на планот беше да се направи база со повеќе истрчани километри неделно, а не да се прават поединечни долги тренинзи, а притоа вежбајќи и брзина, бидејќи како што споменав, голем дел од трката може да се трча.

Првите две недели во просек трчав од 65 до 75 км неделно, а постепено км се зголемуваа во следниот период, така што до претпоследната недела од трката неделно имав по околу 90км неделно. Тренинг планот ми беше супер прилагоден на моите способности и капацитети и не ми претставуваше некој особен проблем, со исклучок на двата дена во неделата (работни денови) кога имав лесни долги трчања, а морав да ги правам веднаш после работа бидејќи така ми налагаа останатите секојдневни активности и кога едноставно се чувствував преморено и често без енергија.

Со многу посветеност, труд, љубов, упорност и дисциплина пред се, ги одработив скоро сите тренинзи онака како што ми беа предвидени, со исклучок на два тренинга кои не ги довршив целосно, а за кои Дејан сега дознава 😊

Последната недела од вториот месец тренирање веќе почнав да чувствувам физички умор и искрено сакав само да заврши тренинг процесот и да дојде денот на трката.

Воопшто не се плашев, затоа што знаев дека физички сум спремна и дека се што треба да направам е добро да ги усогласам физичките со менталните капацитети.На трката тргнав позитивно и со смирен ум и така ми беше речиси во текот на целата трка. За моја среќа, немав некои посериозни проблеми, повреди или болки, освен што временските услови не беа баш најдобри и ја отежнува трката доста многу. Стартно, прогнозите за завршување на трката ми беа од 18 до 20 часа, но до 95тиот км движев доста добро, па реално имав некакви шанси да ја завршам и под 17 часа. За жал, временски услови го оневозможија сето тоа и на крајот завршив со време од 17 часа и 51 минута.

Водно Матка Треил 2023
Grossglockner 3798mnv – Aвстрија – Јануари 2023

Instagram